09 Ноември, 2026 0.0524

Маркетинг(https://faktor.mk/assets/FAKTOR-CENOVNIK-2026.pdf)

|

Импресум(https://faktor.mk/impresum)

|

Контакт

Економија(https://faktor.mk/ekonomija)

Финансии(https://faktor.mk/finansii)

Македонија(https://faktor.mk/makedonija)

Агробизнис(https://faktor.mk/agrobiznis)

Анализа(https://faktor.mk/analiza)

Мои пари(https://faktor.mk/moi-pari)

Балкан(https://faktor.mk/balkan)

Свет(https://faktor.mk/svet)

Стил(https://faktor.mk/stil)

Колумни(https://faktor.mk/kolumni)

Интервјуа(https://faktor.mk/intevjua)

Search

Нови правила за боледување од 1 декември: по петтиот ден дополнителни медицински услови, лекарите бараат појаснувања

Објавено во: Македонија(https://faktor.mk/makedonija) 09 Ноември, 2026 07:45

tweet(https://twitter.com/share)

Добивај вести на Viber(https://invite.viber.com/?g2=AQBNhJv5Vr22yU8%2F4uQ%2BBGWvRMFdDz6Wpt9nwFpJdAWq5lr8h0KyPmnbdNbOaQDa)

Од 1 декември се заоструваат правилата за издавање боледување, па така досегашниот период од седум дена се скратува на пет, во кои матичниот лекар може да утврди боледување без примена на дополнителните дијагностички критериуми. За продолжување на отсуството од работа ќе бидат потребни дијагностички испитувања и/или специјалистички прегледи, зависно од заболувањето. За пациентите промените отвораат прашање дали ќе можат навреме да ја обезбедат потребната медицинска документација, особено кога за одредени прегледи се чека слободен термин.

Новиот правилник не значи дека пациентите задолжително ќе мора да се вратат на работа по петтиот ден. Матичните лекари и натаму ќе одлучуваат за боледување до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување. За одредени дијагнози, пак, пациентите ќе треба порано да бидат упатувани на дополнителни испитувања и проценка.

„Со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба“, велат од ФЗО во писмен одговор.

Но, што доколку пациентот сè уште не е способен да работи, а не може навреме да добие специјалистички преглед? Од Фондот одговараат дека во медицински оправдани случаи матичниот лекар може да издаде приоритетен упат, со кој се овозможува побрз пристап до специјалист.

„Самото постоење листа на чекање не претставува автоматска основа за прекин на боледувањето или на правото на надоместок“, нагласуваат од Фондот.

Сепак, не е прецизирано како ќе се постапува кога пациентот нема да може навреме да го обезбеди потребниот преглед, а нема медицинска основа за приоритетно упатување.

Дел од забелешките на лекарите биле прифатени при подготовката на новите критериуми, но за одредени решенија сè уште постојат резерви. Претседателот на Здружението на лекари ЗЛОМ, д-р Драган Ѓорѓиевски, посочува дека за дел од дијагнозите е оправдано пациентите порано да бидат упатувани на лекарска комисија, но дека критериумите за други заболувања треба дополнително да се разгледаат. Според него, не биле прифатени сите забелешки на здружението, а очекува за преостанатите прашања дополнително да се разговара.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чулакова Дервишова, пак, наведува дека при контролите на Фондот кај матичните лекари биле утврдени одредени злоупотреби. Таа не очекува поголеми проблеми при упатувањето на пациентите на дополнителни испитувања или лекарска комисија, но укажува дека кај некои заболувања закрепнувањето трае неколку дена, а кај други повеќе недели.

„Во медицината два и два не се секогаш четири“, посочува Чулакова Дервишова.

Сепак, дел од лекарите велат дека сè уште немаат доволно информации за практичната примена на правилникот. Потпретседателката на здружението ЗЛОМ-СМ, д-р Мирослава Шевченко, во писмен одговор наведува дека „многу работи сеуште не ни се јасни ни нам како доктори од примарно здравство“.

Шевченко информира дека на 20 ноември е закажана отворена дебата со Фондот за здравствено осигурување и претставници на лекарите, на која очекува подетални објаснувања за функционирањето на новиот модел. Според неа, во моментов ниту претставниците на здружението ги немаат сите потребни информации.

Новиот правилник, објавен во „Службен весник“ на 30 октомври, предвидува и попрецизни услови за подолготрајно боледување. За продолжување над 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти или супспецијалисти, кое важи најмногу 60 дена. Исклучоци се предвидени за пациенти со малигни заболувања, мозочен удар со тешки последици, мултиплекс склероза, политраума и терминални состојби, за кои таквото мислење не е задолжително. Предвиденото времетраење за одредена дијагноза може да се надмине кога постои медицинска оправданост, со обновена документација и оценка од лекарската комисија.

За пациентите со хронични заболувања ќе може да се користат и претходни дијагностички резултати, доколку специјалистот оцени дека се соодветни. Тие не треба да бидат постари од шест месеци, а радиодијагностичките наоди од една година.

Доколку во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето повторно се појави потреба од отсуство поради дијагноза од истата група, матичниот лекар ќе треба да поднесе предлог до лекарската комисија. Исклучок е потребата од болничко лекување за истата дијагноза, кога не се бара претходна согласност од комисијата. Ако за време на боледувањето се појави нова, неповрзана болест или повреда, се затвора постојното и се отвора ново боледување.

Правилникот предвидува и можност за ретроактивно отворање боледување во определени случаи, меѓу кои кога пациентот ќе се јави кај матичниот лекар наредниот работен ден по настанувањето на спреченоста за работа, при што може да се признае само еден ден наназад. Посебни одредби важат и за боледување поради нега на болно дете до 14 години, кога извештајот го издава матичниот лекар на детето, а лекарот на родителот го евидентира отсуството.

Се предвидува и електронско генерирање на извештаите за боледување, додека тешко болните, неподвижните и хоспитализираните пациенти, во пропишаните случаи, нема да мора лично да се појавуваат пред лекарот или комисијата. Осигурениците кои не се согласуваат со лекарската оценка имаат право на приговор до надлежната лекарска комисија.

Од Фондот најавуваат работилници со избраните лекари на 19 и 20 ноември, на кои треба да се разјаснат критериумите и нивната примена. Новите правила ќе важат и за постапките за боледување започнати пред 1 декември, кои сè уште се во тек.

Фондот очекува поедноставна постапка и појасни медицински критериуми, но останува отворено прашањето како ќе се обезбеди непречено продолжување на боледувањето за пациентите кои не можат навреме да ги добијат потребните прегледи. Д.Ш.

tweet(https://twitter.com/share)

Можеби ќе ве интересира

„Град на контрасти и неверојатен шарм“: Хрватски медиум го препорачува Скопје како дестинација што мора да се посети(https://faktor.mk/grad-na-kontrasti-i-neverojaten-sharm-hrvatski-medium-go-preporachuva-skopje-kako-destinacija-shto-mora-da-se-poseti)