09 Ноември, 2026 0.0609

Маркетинг(https://faktor.mk/assets/FAKTOR-CENOVNIK-2026.pdf)

|

Импресум(https://faktor.mk/impresum)

|

Контакт

Економија(https://faktor.mk/ekonomija)

Финансии(https://faktor.mk/finansii)

Македонија(https://faktor.mk/makedonija)

Агробизнис(https://faktor.mk/agrobiznis)

Анализа(https://faktor.mk/analiza)

Мои пари(https://faktor.mk/moi-pari)

Балкан(https://faktor.mk/balkan)

Свет(https://faktor.mk/svet)

Стил(https://faktor.mk/stil)

Колумни(https://faktor.mk/kolumni)

Интервјуа(https://faktor.mk/intevjua)

Search

Познати сите играчи за автопатите Скопје–Блаце и Кичево–Букојчани: Австриска фирма ќе надгледува пет тунели на патот кон Косово

Објавено во: Економија(https://faktor.mk/ekonomija) 09 Ноември, 2026 08:25

tweet(https://twitter.com/share)

Добивај вести на Viber(https://invite.viber.com/?g2=AQBNhJv5Vr22yU8%2F4uQ%2BBGWvRMFdDz6Wpt9nwFpJdAWq5lr8h0KyPmnbdNbOaQDa)

Надзорот на автопатот Скопје–Блаце ќе го врши меѓународен конзорциум предводен од австриската компанија IGT, заедно со германската KKT и македонскиот ГЕИНГ. Договорот тежи 462,3 милиони денари, односно околу 7,5 милиони евра без ДДВ. На другата делница, Кичево–Букојчани, градежните работи ќе ги изведуваат романски „Страбаг“ и унгарска „Дуна Асфалт“, додека надзорот е доверен на македонски конзорциум предводен од ГИМ.

Два важни автопатски проекти во земјава ги добиваат своите главни учесници – изведувачи, проектанти и надзорници. Станува збор за автопатите Скопје–Блаце и Кичево–Букојчани, на кои се предвидени сериозни инженерски зафати, особено поради сложениот планински терен.

Особено внимание привлекува изборот на компанијата што ќе врши надзор на втората фаза од автопатот Скопје–Блаце, долг 10,5 километри. Станува збор за конзорциумот „IGT–KKT–GEING“, кој ќе треба да ја следи реализацијата на проектот во кој се предвидени дури пет тунели, осум мостови, четири галерии и други инфраструктурни објекти.

Според објавениот договор за доделување на работата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), договорната вредност за надзорот изнесува 462.291.810 денари без ДДВ, а договорот е потпишан на 23 септември 2026 година.

Австриска IGT, германска KKT и македонска ГЕИНГ ќе го контролираат автопатот Скопје–Блаце

Водечки партнер во конзорциумот е австриската компанија IGT Geotechnik und Tunnelbau Ziviltechniker Gesellschaft m.b.H., со седиште во Салцбург. Нејзината специјалност е геотехника и тунелско инженерство, што е особено значајно за оваа делница поради големиот број тунели и сложените геолошки услови.

Втор партнер е германската KKT Ingenieure International GmbH, со седиште во Франкфурт, додека третиот член е македонската ГЕИНГ, со седиште во Скопје. Според информациите објавени од самата IGT, во реализацијата на проектот ќе бидат вклучени и експертските капацитети на ATE Tunnel Engineers и Laabmayr ZT.

Вредноста од 462,3 милиони денари е значителен ангажман за надзор. Договорот предвидува ангажман до април 2033 година, што значи дека надзорниците ќе ја следат реализацијата на проектот и во периодот по завршувањето на самите градежни работи, согласно договорните обврски.

Втората фаза од автопатот Скопје–Блаце ќе ја гради конзорциум предводен од македонската компанија Гранит како изведувач.

Станува збор за делница од 10,5 километри, од клучката Стенковец до клучката во близина на граничниот премин Блаце. Заедно со претходно изградените 1,5 километри, целата автопатска врска ќе биде долга околу 12 километри.

Она што ја прави оваа делница посебно сложена е нејзината конфигурација. Поради ридско-планинскиот терен на падините на Скопска Црна Гора, проектот предвидува:

Пет тунели, секој со лева и десна тунелска цевка.

Осум мостови.

11 потпатници.

Четири галерии.

Девет потпорни ѕидови.

Тоа значи дека само тунелскиот систем ќе има вкупно десет цевки. Токму затоа надзорот на австриската компанија специјализирана за геотехника и тунелско инженерство е особено интересен дел од целата инвестиција.

Проектантската документација за автопатот ја изработувала грчката компанија ADT Omega, во рамките на проектантскиот ангажман со Hill International. На својата веб-страница ADT Omega наведува дека изработила детален проект, процена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, како и тендерска документација. За проектантскиот ангажман е наведена вредност од 2.825.751 евра.

Финансирањето на автопатот е обезбедено преку заем од ЕБОР од 167,6 милиони евра и грант од 30,8 милиони евра од инвестициската рамка за Западен Балкан. Рокот за изградба е четири години.

Кичево–Букојчани: „Страбаг“ и „Дуна Асфалт“ ќе градат, ГИМ ќе надгледува

На автопатската делница Кичево–Букојчани, долга околу 11,5 километри, веќе се познати и изведувачите и надзорниот орган.

Изведбата му е доверена на конзорциум составен од романската подружница на STRABAG S.R.L. и унгарската Duna Aszfalt Zrt.. Вкупната договорна вредност на проектот изнесува 219,51 милиони евра, а рокот за реализација е 48 месеци.

Надзорот е доделен на македонски конзорциум предводен од Градежен институт Македонија – ГИМ, заедно со компаниите ДИВИ Македонија и ГЕИНГ.

Договорот за надзор е потпишан во септември 2026 година, а конзорциумот ќе треба да ја контролира изведбата, квалитетот, безбедноста и усогласеноста со проектната документација.

Што се однесува до проектантската документација, во евиденцијата на ЕБОР е објавен договор за изработка на детален проект за делницата Долно Строгомиште–Црвивци, во должина од околу 4,5 километри. Проектантскиот конзорциум го предводи ГЕИНГ, заедно со ДИВИ Македонија, „Чакар и партнери“ и Градежниот институт Македонија. Вредноста на овој проектантски договор е 1.419.994 евра.

Самата автопатска делница е поделена на два дела: Долно Строгомиште–Црвивци, долг 4,98 километри, и Црвивци–Кичево, долг 6,53 километри.

Предвидена е изградба на пет мостови, два вијадукти, четири надпатници, девет подпатници, шест плочести пропусти и тунелот „Колибари“, долг 370 метри. Ќе бидат изградени и клучките „Строгомиште“ и „Кичево Север“.

Кој е кој на двата автопати?

АВТОПАТ СКОПЈЕ–БЛАЦЕ (10,5 километри)

Изведувач: „Гранит“ – Македонија, со конзорциумски партнери.

Надзорник: Конзорциум предводен од австриската IGT, заедно со германската KKT и македонската ГЕИНГ.

Проектант: Грчката ADT Omega, со Hill International.

Вредност на договорот за надзор: 462,3 милиони денари, односно околу 7,5 милиони евра без ДДВ.

Инфраструктура: пет тунели (десет тунелски цевки), осум мостови, четири галерии и други придружни објекти.

АВТОПАТ КИЧЕВО–БУКОЈЧАНИ (околу 11,5 километри)

Изведувачи: STRABAG од Австрија, преку романската компанија STRABAG S.R.L., и унгарската Duna Aszfalt.

Надзорник: Конзорциум предводен од македонскиот Градежен институт Македонија (ГИМ), заедно со ДИВИ Македонија и ГЕИНГ.

Проектант: ГЕИНГ, ДИВИ Македонија, „Чакар и партнери“ и ГИМ за документираниот проектантски ангажман на делницата Долно Строгомиште–Црвивци.

Вредност на договорот за изградба: 219,51 милиони евра.